(ВИДЕО) ИМ СЕ СЛУЧУВА КАТАСТРОФА: Илјадници луѓе секој ден бегаат од државата
Венецуела е во криза, а луѓето масовно бегаат од оваа земја.
Од 2014 година од Венецуела избегале 2,3 милиони луѓе, што е седум отсто од населението на државата, јавува Би-би-си.
Илјадници луѓе ја напуштаат државата секој ден поради кризата предизвикана од политичката нестабилност, недостигот од лекови, храна, вода за пиење и хиперинфлацијата.
Портпаролот на УНХЦР, Вилијам Спиндлер изјави дека хаосот во Венецуела предизвика едно од најголемите масовни отселувања во историјата на Јужна Америка.
Повеќе од милион луѓе избегаа во Колумбија и уште илјадници се обидуваат да влезат во Еквадор и Перу. Во Перу оваа година пристигнале повеќе од 500.000 граѓани на Венецуела. Бројот на баратели на азил во Перу се зголемил за трипати во однос на лани.
Жителите на Венецуела бегаат и во Бразил, каде се случија напади на неколку емигрантски кампови. Државите во кои бегаат Венецуелците почнаа да воведуваат построги контроли на границите, а Еквадор прогласи вонредна состојба на границата.
Масовниот егзодус од Венецуела продолжува и не се наѕира крајот на кризата. Ројтерс објави дека поради недостиг на медицински материјали бремените жени бегаат во Бразил за да се породат. Така секој ден во Бразил се раѓаат венецуелски бебиња.
„Моето бебе ќе умреше ако останев во земјата. Нема храна, нема лекови ни доктори“-изјави Марија Тереза Лопез, која се породила во понеделникот во Бразил.
Нафтата е главниот дел од извозот на Венецуела и државата ја зафати криза кога нејзините цени паднаа. Критичарите ја обвинија Владата за неспособност во решавањето на економските проблеми во државата и влошувањето на кризата.