(ВИДЕО-ФОТО) По него трага цела Европа: Возачот на комбито живеел сосема обичен живот се до кобниот четврток во Барселона
Истражители веруваат дека Јунес Абујакуб, 22-годишниот Мароканец, бил возачот на комбито кое уби 14 луѓе во Барселона.
Абујакуб е единствен од 12 осомничени кој и понатаму е во бегство.
Министерот за внатрешни работи во регионалната каталонска влада Хоаким Форн за радио Каталонија рекол дека се укажува на фактот дека Јунес бил зад воланот.

„Тоа е една од истражните линии, и тоа главната. Се укажува на тоа. Денес во текот на денот ќе покажеме и докази и ќе објасниме како дојдовме до заклучокот“.
Форн навел дека и во текот на ноќта се вршени рации во градот Рипол каде живееле дел од осомничените.
Абујакуб е роден на 1 јануари 1995 година во мароканскиот град М'рирт, околу 230 км далеку од престолнината Рабат.
Како што пренесува шпанскиот Ел Паис, тој се до нападот во Барселона живеел, изгледа, сосема обичен живот, во малиот град Риполи. Таму одел во средно училиште и соседите велат дека не се дружел само со Мароканци.

Од полицијата велат дека неговите документи се најдени во другото комби кое е пронајдено во градот Вик. Се претпоставува дека Абујакуб после експлозијата во Алканар се оддели од останатите терористи, кои биле околу 12, и потоа извел смртоносен напад во Барселона.
Првично, полициските извештаи тврдеа дека овој Мароканец е убиен, но подоцна е соопштено дека е жив и главен осомничен во случајот.
Потсетуваме, прво се сметаше дека Муса Укабир (17) управувал со комби, но е утврдено дека тој бил меѓу убиените терористи во Камбрилс.
