(ВИДЕО) Експерт за диви животни, биолог и познат авантурист доживеа удар на гром додека снимаше на Флорида
Експертот за диви животни, биолог и познат авантурист Форест Галанте го удрил гром, додека снимал промотивно видео во мочуриште во Еверглејдс Сити, Флорида.
Галанте по инцидентот изјави дека временските услови биле совршени, сѐ додека тој и неговата екипа не биле при крај со снимањето. Тој веднаш излегол од водата и почнал да вика дека го удрил гром, но потоа се смирил и рекол дека сѐ е во ред. Подоцна ја прегледал снимката со неговата екипа за снимање за да види дали камерите го забележале ударот, објави „Фоксведр“ (Foxweather).
Добро познатиот авантурист и водител на каналот „Дискавери“, истиот ден на својот канал на Јутјуб раскажа што се случило.
„Леле, каков ден. Значи, денес требаше да биде лесен ден. Ние сме овде во Јужна Флорида и снимаме многу различни содржини, а една од работите што планиравме да ги направиме денес беше да одиме во мочуриштата и да снимаме содржина“, изјави тој.
Тој тврди дека не видел молња затоа што бил свртен кон камерата, но почувствувал како нозете и грбот му се стегаат, објаснувајќи дека се чувствувал како да бил парализиран за дел од секундата.
„Кога го прегледав видеото, сфатив дека громот удри зад мене и минува низ водата покрај моите нозе, во половината, во срцето и всушност во мојата уста“, рекол тој.
Во светот имало трагични настани, односно луѓето загинувале при удар на гром или со изгореници завршувале во болница.
Фото: Принтскрин/ Јутјуб
