Видео: Диктаторот на Филипини го имитира и обожува Доналд Трамп
Претседателот Дутерте кој со серија на насилства и убиства ја зацврсти својата позиција во Филипините сега смета дека има нов сојузник во САД откако функцијата претседател ќе ја преземе Доналд Трамп. Во говорот на конвенцијата против корупцијата организирана од Обединетите нации во Манила, Дутерте дури и го имитираше Трамп со кој имал телефонски разговор за подобрување на односите меѓу САД и Филипините.
„Тој ми рече кога и да сум во Вашингтон или Њујорк да го побарам, да испиеме кафе, да разговараме за подобрување на односите. Јас ве предупредив ако се однесувате како Обама ќе трпите последици, но со Трамп може да биде сосема поинаку“, изјави Дутерте.
Исто така суровиот владетел тврди дека добил големи пофалби од Доналд Трамп за начинот на кој се бори со нарко трговијата при што полицијата врши ликвидации, а се формираа и парамилитантни одмазднички одреди кои улиците ги преплавија со крв.
Дутерте го привлече вниманието на светската јавност откако Обама го нарече „курвин син“, а често во говорите пцуеше. Потоа вети дека од почит кон верата повеќе нема да користи пцовки во јавните настапи и дека ќе биде посмирен.
