(ВИДЕО) Бројот на жртвите во Украина се зголемува?
Пет демонстранти загинаа, а повеќе од 300 се повредени во насилните протести во Украина, објави вечерва медицинската служба на опозициското движење. Властите досега ја потврдија смртта само на три лица, од кои две загинале од огнено оружје, а еден паднал од платформа на стадионот на Динамо Киев.
Во Киев на сила е 24-часовното примирје на кое повикаа опозициските лидери во Украина, кои побараа од демонстрантите да се воздржат од судири со полицијата. Сепак демонстрантите стравуваат дека безбедносните сили ќе ја искористат ноќта за пак да се пресметаат со нив и да ги разбијат.
Излегувајќи од средбата со украинскиот претседател, лидерот на опозицијата Арсениј Јаценјук соопшти дека на Виктор Јанукович му дале рок до утре навечер да одлучи дали ќе направи чекор за излез од политичката криза или ќе се соочи со бесот на народот.
„Утре ќе одиме напред заедно. Па ако биде куршум в чело, тогаш нека биде куршум в чело, ама на храбар и чесен начин“, им се обрати Јаценјук на илјадниците демонстранти, кои се уште се на улиците на Киев.
Јанукович денеска седна на прва средба со опозициските лидери Виталиј Кличко, Арсениј Јаценјук и Олег Тјагнибок по ескалацијата на тензиите, откако насилните протести ги однесоа и првите човечки жртви.
http://www.youtube.com/watch?v=VCPRtt2q25w
Но, додека украинскиот претседател направи обид да прикаже конструктивност, премиерот Микола Азаров се уште јавно стои на цврстата линија, нарекувајќи ги демонстрантите „терористи кои мора да се казнат“ и порачувајќи им дека “жртвите во украинските протести одат на нивна совест“.
Американската амбасада во Украина денеска ги отповика визите за патување во САД на повеќемина украински државјани. Имињата на оние кои се најдоа на „црната листа“ не се објавуваат, но Вашингтон потврдува оти се работи за „неколку Украинци поврзани со насилството.
Слично
