Вештачката интелигенција пристигна во автомобилите: Мерцедес е прва компанија која ќе го интегрира ChatGPT во своите возила
Германската компанија реши прва да ја тестира употребата на вештачка интелигенција во автомобилите, а во тест фазата 900.000 сопственици на возила со системот MBUX ќе имаат можност да го пробаат ChatGPT додека возат.
Вештачката интелигенција одеднаш е насекаде, а нејзиниот „манекен“ е ChatGPT, платформа каде што можете да добиете релевантни одговори на некои од прашањата кои ве мачат. Се разбира, само прашање на денови беше кога производителот на автомобили објави дека го интегрирал ChatGPT во својот инфозабавен систем.
Така, како што веќе разбирате од насловот, станува збор за Mercedes кој ја додаде гореспоменатата AI платформа на својот мултимедијален систем MBUX. Сепак, само за ограничено време и за посебна клиентела.
Засега, оваа интеграција е тримесечен тест во кој можат да учествуваат околу 900.000 сопственици на возила со системот MBUX во САД. Клиентите не треба да прават многу за да го интегрираат ChatGPT во MBUX.
Сè што треба да направат е да ја кажат гласовната команда: Еј Мерцедес, сакам да се приклучам на бета програмата, а дополнителниот софтвер веднаш се вчитува преку безжична интернет конекција.
Што можете да направите со ChatGPT во автомобилот? Поставување и добивање одговори на многу важни животни прашања, барање најдобри места за одмор, ресторани и слично... Како што пренесува HAK Magazine, многу работи веќе биле достапни со MBUX, а Mercedes очигледно сака да процени дали нивните клиенти се заинтересирани за нешто повеќе.
ФОТО: EPA/YURI KOCHETKOV
