Економија, финансии, бизнис

Контакт

Венецуелците за ситни пари ги продаваaт своите куќи за да почнат нов живот во странство

Венецуелците за ситни пари ги продаваaт своите куќи за да почнат нов живот во странство

Венецуелците за неколку илјади долари ги продаваат своите домови, за да можат со тие пари да заминат од земјата и да почнат нов живот во странство. Ова за Фактор ни го раскажува Роса Родригез, која сѐ уште живее во Венецуела, но нејзиниот син се преселил во соседната Колумбија.

Венецуела уште е актуелна тема во светот, откако САД пред неколку седмици извршија напад во Каракас и го киднапираа сега веќе екс претседателот Николас Мадуро, кого го обвинуваа за наркотероризам. Нашата соговорничка ни објаснува дека животот во нејзината земја е тежок, економски, но и други сектори како што е здравството не функционираат добро.

„Ние, Венецуелците, се прилагодуваме на ситуациите. Мислам дека хаосот им користи на некои, а на други не. Можам да ви кажам дека постои неизвесност во врска со иднината на земјата. Опоравувањето ќе дојде штом ќе има доверба во безбедноста на инвеститорите. Запомнете, тука имаше многу експропријации и контроли на цените што им наштетија на мултинационалните компании. Доаѓањето на чавизмот и идејата за враќање на компаниите на државата донесе уништување и неуспеси. Платите во оваа земја се мизерни. Јавните службеници, наставниците, лекарите и пензионерите живеат со многу малку пари. На пример, платата на наставникот не е доволна ниту за основна храна за една недела. Училиштата се запоставени, нема пристап до ученичките мензи, ниту пак има одржување на инфраструктурата. Истото важи и за болниците и здравствените центри. Пред неколку месеци, го однесов соседот таму со хипертензија, а немаше струја, ниту имаше начин да му се измери крвниот притисок во клиниката, немаше опрема. Морав да го однесам кај сосетката која е докторка за да може да го стабилизира. Таа сосетка го продаде својот дом за 3.500 долари за да ја напушти земјата и да оди во Франција бидејќи нејзиниот син живее таму. Се работеше за стан од 60 квадрати со добри услови за живот. Мислам дека многу луѓе продаваат сè што поседуваат за многу малку пари со надеж за подобра иднина. Тоа не се случи со овие стари лица, тие сега се во село во Франција каде немаат интернет услуга“, објаснува Родригез.

Таа додава дека во услови на криза, луѓето ги продаваат своите имоти далеку под реалната цена.  Вели дека како и секаде на друго место, има куќи што чинат милиони долари, како и прифатливи куќи што почнуваат со цени од околу 10.000 долари.

„Но, во времето кога ги продадоа, практично немаше побарувачка, па луѓето ги продаваа своите имоти само за да ја напуштат земјата. Сите имаме пријател или роднина што заминал. Половина население замина. На пример, мојот брат замина, моите чичковци, братучеди, многу пријатели заминаа, дури и моето дете. Тука, сè уште ја исклучуваат струјата, и иако земјата е богата со големи резерви на гас, луѓето немаат пристап до гас. Значи, ако снема струја, не можат да готват. Во 2017 година, среде студентските протести каде што многумина загинаа, мојот син беше нападнат од стражар, и фала му на Бога што куршумите не го погодија. Решивме да ги здружиме парите како семејство за да може да ја напушти земјата, и тој живее во Колумбија веќе осум години. Повеќето семејства се разделени, многумина заминаа за да помогнат, но многумина ги оставија децата и семејството зад себе и ги заборавија. Мојот син поднесе барање за да замине во САД, но не успеа и отиде во Колумбија. Свесна сум дека има корупција во секоја земја, но тоа не е причина да се овековечува владата. Имам пристап до интернет и купив батерија за кога ќе снема струја. На многу луѓе им се расипале фрижидерите или телевизорите, а оние што заработуваат малку не можат лесно да ги заменат. Внесуваат увезена стока тука и ја продаваат за трипати повисока цена од онаа во САД“, додава нашата соговорничка.

Се жали дека цените на храната се високи. Вели дека таа никогаш не би заминала нелегално, затоа што тоа носи ризици, а многу луѓе завршиле несреќно.

„Работам како дизајнер, имам клиенти во Шпанија, Велика Британија и САД, но платата е многу ниска. Сепак, со шест клиенти, успевам да заработам доволно за да живеам малку подобро и да му помогнам на моето семејство“, рече Венецуелката.

Таа вели дека најмногу пари дома можат да испратат оние венецуелски граѓани кои отишле да работат во САД.

„Едно лице во Колумбија не заработува многу пари, па што може да му испрати на своето семејство? Можеби помеѓу 20 и 50 долари. Оние што одат во САД работат напорно и им помагаат на своите семејства. Доколку се заминати во Шпанија, се сомневам дека ќе пратат многу пари бидејќи минималната плата таму едвај покрива кирија и храна. Тука се надеваме на промена. Во јули, опозицијата победи на изборите. Се сеќавам дека чекав во ред речиси осум часа за да гласам. Никој нема да стои во ред за да гласа за влада која се потсмева на својот народ. Ако одите во големи трговски центри, ќе видите малку продавници отворени, а многу затворени затоа што не работат или банкротирале. Исто така е тешко да се купи ново возило затоа што, на пример, најевтиниот автомобил чини 23.000 долари, а ако сакате да го купите на кредит, мора да платите 50 отсто однапред, а остатокот на рати од 500 долари месечно. Приватното здравство овде е скапо, а многу пациенти со болни бубрези и рак не преживуваат“, објаснува таа.

По грабнувањето на Мадуро, САД ветија дека Венецуела економски ќе се опорави. Најавија дека американски компании ќе инвестираат во земјата, со цел нафтената индустрија да се ревитализира. Инаку, Венецуела е земја со огромни резерви на нафта, односно повеќе од 300 милијарди барели.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести