Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВЕНЕЦУЕЛА ТОНЕ ВО ХАОС: големи судири по изборите, еден загинат, обвинителите вперија прст кон хакерите од Македонија (ВИДЕО)

ВЕНЕЦУЕЛА ТОНЕ ВО ХАОС: големи судири по изборите, еден загинат, обвинителите вперија прст кон хакерите од Македонија (ВИДЕО)

Најмалку едно лице загина во демонстрациите што избувнаа вчера во Венецуела по објавувањето на националното избирачко тело за победата на Николас Мадуро, кој на тој начин ќе добие трет претседателски мандат, додека опозицијата тврдеше дека може да ја докаже победата на својот кандидат.

„Најмалку едно лице загина во државата Јаракуј (северозападно од земјата), а 46 се приведени“ по постизборните протести, напиша Алфредо Ромеро, директор на невладината организација Форо Пенал, специјализирана за одбрана на политички затвореници.

Вчера илјадници демонстранти во неколку сиромашни населби на главниот град Каракас излегоа на улиците барајќи Мадуро веднаш да ја предаде власта. 

Полицијата ги растера демонстрантите со солзавец додека се приближуваа кон центарот на главниот град, пренесуваат медиумите.

Националниот изборен совет вчера и официјално го прогласи Мадуро за победник на претседателските избори во недела, со што доби трет шестгодишен мандат.

Според официјалните резултати, Мадуро (61) е реизбран за трет шестгодишен мандат со 5,15 милиони гласови или 51,2 отсто, додека опозицискиот претседателски кандидат Едмундо Гонзалес Урутија (74) освоил нешто помалку од 4,5 милиони гласови или 44,2 отсто.

Отфрлајќи ги критиките од опозицијата и меѓународната заедница, Мадуро го осуди обидот да се воведе, како што рече, „фашистички државен удар во Венецуела“.

Синоќа шефицата на венецуелската опозиција Марија Корина Мачадо, која претходно беше дисквалификувана и не можеше да се кандидира, на прес-конференција изјави дека опозицијата може да ја докаже победата на својот кандидат Едмундо Конзалес, поранешен дипломат.

Опозицијата, како што рече, собрала 73 отсто од извештаите за резултатите од избирачките места, според кои Гонзалес добил 6,27 милиони гласови наспроти 2,7 милиони за актуелниот претседател Николас Мадуро, кој изборната комисија го прогласи за победник.


Мачадо рече дека тие „докази за победа“ биле испратени до светските лидери и ќе бидат објавени на интернет преку ноќ.

Претходно, Националниот изборен совет ја осуди агресијата врз системот за пренос на податоци, што, според нив, го забавило пребројувањето на гласовите. Официјалното избирачко тело се уште ги нема објавено поединечните извештаи од избирачките места што ги бара опозицијата и меѓународната заедница.

Вчера Обвинителството отвори истрага против опозиционерката Мачадо, посочувајќи дека таа е вмешана во „пиратерија“.

Државниот обвинител Тарек Сааб во понеделникот објави дека од Македонија бил извршен сајбер напад насочен кон изборниот систем и наводно го нарушил процесот на броење гласови за време на претседателските избори викендов. Нападот, наводно, бил поврзан со адвокатот и опозициски активист Лестер Толедо.

Опозицијата го отфрли официјалниот резултат и нејзиниот кандидат Гонзалес синоќа ги потсети „сите институции“ на нивната уставна должност да ја почитуваат волјата на народот.


Тој, пак, рече дека демонстрациите нема да придонесат за постигнување на целта. Мачадо, кој стоеше до него, повика на јавни состаноци низ целата земја.

Мадуро ја доби поддршката од Русија и Кина како и од неговите вообичаени сојузници Куба, Никарагва, Хондурас и Боливија, но и бројни негативни или скептични реакции од меѓународната заедница.

Девет земји од Латинска Америка - Аргентина, Костарика, Еквадор, Гватемала, Панама, Парагвај, Перу, Доминиканска Република, Уругвај - повикаа во заедничка изјава целосно да го разгледаат резултатот со присуство на независни набљудувачи на изборите.

Бразил и Колумбија, две левичарски земји, побараа верификација на резултатите, додека САД изразија стравување дека објавениот резултат не ја одразува волјата или гласот на венецуелскиот народ.

Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел и Франција повикаа на целосна транспарентност и побараа да се покажат сите записи и резултати.

Каракас одговори на овие огради со повлекување на својот дипломатски персонал од седум земји од Латинска Америка – Аргентина, Чиле, Костарика, Панама, Перу, Доминиканската Република и Уругвај – судејќи дека нивниот став го нарушува националниот суверенитет.

Венецуела, исто така, објави дека од среда ги прекинува летовите со Панама и Доминиканската Република, осудувајќи ги активностите на тие влади да се мешаат во нејзините внатрешни работи.


Слично

Поврзани вести