Велика Британија спушта „рампа“ за европските имигранти
Британскиот премиер Дејвид Камерон денеска ќе обелодени нови мерки, кои се очекува да влијаат на околу 300.000 имигранти од европските земји, кои дошле на Островот.
Според плановите, овие граѓани најчесто од други земји-членки на ЕУ, ќе мора да работат најмалку четири години пред да аплицираат за социјална помош во Велика Британија.
Истовремено, целта е да се намали разликата во приходите меѓу Британија и повеќето земји во ЕУ за да не биде толку атрактивно особено за неквалификуваните работници да заминуваат во оваа земја.
Се очекува Камерон јасно да даде до знаење дека иднината на Велика Британија во ЕУ зависи од можноста во иднина секоја држава-членка на ЕУ да го користи системот за социјална заштита за сопствените граѓани.
Ако во рок од шест месеци, државјанин на некоја земја-членка на ЕУ не успее да најде работа во Велика Британија, против него ќе започне постапка за одземање на правото за престој и работа. Ќе биде воведена долготрајна забрана за влез во земјата за просјаци и измамници, построги ќе се условите за депортирање на криминалци.
Имигрантите нема да можат да прибираат кај себе членови на своите семејства доколку немаат услови за нивна издршка, нема да добиваат даночни олеснувања за нивните деца кои не живеат во Велика Британија. Освен ова, се предвидува пристапот на граѓаните на новите земји-членки на ЕУ до пазарот на работна сила во Британија да се одложува се додека тие земји не постигнат повисоко ниво на изедначување во животниот стандард со останатите земји-членки на ЕУ.
„Целта ни е многу едноставна – да го направиме имиграцискиот систем поправеден и да ги намалиме сегашните екстремно високи нивоа на имиграција од ЕУ кон Велика Британија. Тоа ќе се случи ако се бориме со злоупотребите и да ја запреме можноста имигранти да останат тука без работа и на прво место да ограничиме помошта за ниско платени и неквалификувани работници кои доаѓаат тука.“, вели Камерон.
Податоците од март 2014 година покажуваат дека имигрантите од ЕУ сочинуваат 5.56% од работната сила во Велика Британија.
Слично
