Велика Британија: Наставниците најсреќни работници
И покрај честото незадоволство поради малите плати, наставниците се најсреќни работници во Велика Британија, покажуваат резултатите од неодамнешното истражување, со кое беа опфатени две илјади лица од различни професии.
Според пишувањето на весникот „Телеграф“, должината на годишниот одмор, односот со колегите и работното опкружување се некои од причините кои ги наведоа 83 отсто просветни работници да го изразат задоволството од работата со која се занимаваат.
Како единствени забелешки, британските наставници го наведоа отсуството на бенефиции и бавното напредување во кариерата.
Втори на списокот на најзадоволни работници се секретарките, а трети инжинерите.
- За многу луѓе задоволството на работа произлегува од можноста нешто да се постигне. Тоа им се чини поважно од парите кои ќе ги примат на крајот на месецот, наведе Ен Хејдон, директорка на едно лондонско приватно средно училиште, кое ја нарача анкетата.
