Велика Британија ќе гради нова нуклеарна централа
Британската Влада денеска одлучи да гради нова нуклеарна централа.
Според министерот за енергетика Ед Дејви, новата британска „нуклеарка“ ќе биде лоцирана во Хинки Поинт, во англиската област Сомерсет и таа е трет ваков енергетски капацитет што ќе се гради во овој дел од земјата.
Првата НЕЦ „Хинки А„ беше пуштена во производство уште во далечната 1965 година. Таа беше исклучена од работа и затворена во 1999 година. НЕЦ „Хинки-Б“ првите киловатчасови струја ги произведе во 1976 година и за неа е предвидено да остане во работа до 2023 година.
Третата нукеларна централа во реонот Хинки ќе се гради во следните десетина години и е прва што се гради по многу години стагнација и дилеми дали воопшто да се продолжи со градење нови централи на атомски погон. Дилемата во британската јавност се засили по тешката хаварија на јапонската НЕЦ во Фукушима и решението на Германија да се откаже од овој вид енергија.
Изградбата на „Хинки-3“ и е доверена на познатата француска енергетска компанија ЕДФ. Новата „нуклеарка“ ќе има два реактори што ќе произведуваат 3,2 GW струја, што изнесува седум отсто од вкупните британски потреби за електрична енергија. Ова количество енергија е доволна да ги задоволи потребите на седум милиони британски домаќинства.
Изградбата на новата нуклеарна централа во Сомерсет ќе чини 14 милијарди фунти. На градилиштето ќе бидат ангажирани 5.600 работници. Економски експерти веруваат дека изградбата на новата „нуклеарка“ ќе ја поттикне домашната економија што веќе неколку години е во рецесија и стагнација.
