Ватикан се отвора за жени и лаици!
Папата Франциско го собра денеска Советот на министри на Католичката црква со цел да се разгледаат плановите за реорганизација. Работата на реформите се очекува да биде завршена во февруари, информираат извори од седиштето на Католичката црква.
Целта на папата е да се намали и модернизира обемната администрација, заради што одредени папски совети ќе исчезнат или ќе се спојат во поголеми ентитети. Но длабинската реорганизација подразбира и поголеми реформи. Најголема новина ќе биде основање на голема конгрегација за лаици, со што ќе се спојат неколку ватикански служби.
На нејзино чело би можела да биде жена или лаик, со што целта е на овие две групи да им се даде поголем простор во управата на Католичката црква. Советот на министри на Католичката црква е составен од девет кардинали од пет континенти, кои независно го советуваат Папата, а нивниот клучен состанок се очекува во февруари.
Папата Франциско минатата недела зборуваше за срамот на собирање пари за црковни слави и веќе започна со реорганизација на економските и финансиските служби на Ватикан. Според него, за бизнисот нема место во Црквата, па тој верува дека не треба да постои ценовник за крштевки, венчавки и миси.
„Луѓето тоа ги доведува во искушение“, вели Папата.
Слично
