Ванг Ји: Америка го разбира ставот на Кина во врска со Тајван
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји изјави дека Пекинг смета оти САД „ѝ придаваат значење на загриженоста на Кина“ во врска со Тајван, по неодамнешните разговори меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг.
За време на средбата почувствувавме дека американската страна го разбира ставот на Кина и ѝ придава значење на кинеската загриженост и, како и меѓународната заедница, не поддржува ниту прифаќа Тајван да тежнее кон независност - изјави Ванг за кинеските државни медиуми, пренесува Си-ен-ен.
Ванг повтори дека прашањето за Тајван е „најважното прашање во кинеско - американските односи“ и дека има влијание врз целокупните билатерални односи.
Тој го повика Вашингтон да се придржува до принципот „една Кина“ и до претходните заеднички соопштенија на двете земји.
Се надеваме дека американската страна ќе се придржува до принципот „една Кина“ и до трите заеднички соопштенија на Кина и САД и дека ќе ги исполни своите меѓународни обврски - истакна шефот на кинеската дипломатија. Кинеската страна инсистира на толкувањето дека Тајван е дел од нејзината територија и се противи на секој облик на меѓународно признавање или поддршка за независност на островот.
Американскиот претседател Трамп изјави дека за време на разговорите со кинеското раководство „не презел никакви обврски“ во врска со Тајван, додека Стејт департментот соопшти дека американската политика кон Тајван останува непроменета. Вашингтон истакнува дека и понатаму ја одржува официјалната политика на „една Кина“, но истовремено има неформални односи со Тајван и му дава политичка и безбедносна поддршка.
Тајванските власти соопштија дека внимателно го следат развојот на ситуацијата и дека одржуваат отворени канали за комуникација со САД, оценувајќи дека долгогодишната американска политика кон островот не е променета.
Ванг Ји: Постигнати суштински резултати на средбата во Пекинг, Си Џинпинг ќе патува во САД
Кинескиот претседател Си Џинпинг ќе ги посети САД наесен годинава, на покана на претседателот Доналд Трамп, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи по билатералниот самит во Пекинг.
Ова беше важна средба на која двајцата лидери водеа детална комуникација и постигнаа значајни резултати - изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, нарекувајќи ја средбата со Трамп „историска“. Според него, двете страни размениле ставови и за војната со Иран, при што Кина повикува на продолжување на преговорите и повторно отворање на Ормускиот Теснец.
Кина ги охрабрува и САД и Иран да продолжат да ги решаваат разликите и споровите, вклучително и нуклеарното прашање, преку преговори и се залага за што поскоро отворање на Ормускиот Теснец врз основа на одржување на прекинот на огнот - истакна Ванг. Тој додаде дека и Пекинг и Вашингтон сакаат продолжување на комуникацијата и политичко решение за конфликтот во Украина, изразувајќи надеж дека војната ќе заврши „што е можно поскоро“.
Ванг особено укажа на напредок во трговските и економските прашања, наведувајќи дека трговските преговарачи постигнале „севкупно урамнотежени и позитивни резултати“. Според него, Кина и САД разговарале за загриженоста околу пристапот до пазарот за земјоделски производи и за проширување на трговијата во рамки на реципрочно намалување на царините.
Двете земји, како што наведе Ванг, се согласиле и да формираат трговски совет и инвестициски совет.
