ВАКЦИНАТА НА ФАЈЗЕР ЗА ДЕЦА ОД 12 ДО 15 ГОДИНИ ОД ЈУНИ: Колективен имунитет во Европа најдоцна во јули и август
Германската лабораторија „Бионтек“ е пред поднесување на барањето до Европската унија за одобрување на
употребата на вакцината што ја произведува заедно со „Фајзер“ за деца на
возраст од 12 до 15 години, а може да добие одобрување во јуни.
„Во Европа, ние сме во последната фаза пред да доставиме податоци до Европската агенција за лекови, по клинички испитувања, а процесот на одобрување треба да трае помеѓу четири и шест недели“, изјави ко-основачот и извршен директор Угур Сахин за денешното издание на германскиот магазин Шпигел.
Вакцината во моментов е одобрена за употреба кај луѓе од 16 години и постари.
Во Соединетите држави, Бионтек и неговиот партнер Фајзер аплицираа на почетокот на април за одобрување на нивната итна вакцина за возраст од 12 до 15 години.
Барањата за одобрување се засноваат на податоци од клинички испитувања на „фаза три“, извршени на таа возрасна група, објавени на крајот на март, кои според лабораториите покажуваат 100% ефикасност во спречување на болеста.
Вакцината е исто така добро толерирана и несаканите ефекти генерално се во согласност со оние забележани кај луѓе на возраст од 16 до 25 години, велат Фајзер и Бионтек.
За деца на возраст од пет до 12 години, Сахин ги очекува резултатите од клиничките испитувања во јули и верува дека се на добар пат да добијат одобрување до почетокот на учебната година во септември. Резултатите од студијата за уште помлади деца може да бидат достапни од септември.
„Одобрението трае од четири до шест недели“, рече Сахин. Тој вчера оцени дека е можно да се постигне колективен имунитет во Европа најдоцна во јули и август и изрази доверба во ефикасноста на вакцината против таканаречената индиска варијанта на коронавирус.
