ВАКЦИНА ПРОТИВ РАК, ЌЕ СЕ СЛУЧИ ЛИ И ТОА НАСКОРО? Канцерот би станал хронична болест со која може да се живее
Технологијата на рибонуклеинска
киселина или mRNA направи револуционерен пресврт во медицината во последниве
години. За време на пандемијата на коронавирусот, благодарение на неа беше
можно да се развијат ефективни вакцини против вирусот САРС-КоВ2 во рок од само неколку
месеци.
Дури и ако вирусот развие нови агресивни мутации, соодветни вакцини може да се развијат за кратко време благодарение на технологијата mRNA. Но, технологијата што неодамна ја доби Нобеловата награда за медицина може да направи многу повеќе од тоа, особено во истражувањето на ракот. Шефот на биотехнолошката компанија Curevac, Александар Зендер, вели дека сака на пазарот најдоцна за пет години да лансира вакцина против рак базирана на технологијата mRNA.
„Истражувањето за вакцина против рак трае веќе 20 години. Но, сегашниот напредок е исклучителен. За време на пандемијата собравме многу искуства, а во меѓувреме вештачката интелигенција напредна толку многу што решава бројни проблеми во програмирањето на mRNA“, изјави Зендер за Билд.
Вакцината за рак треба да го стимулира имунолошкиот систем да се бори против клетките на туморот на насочен начин. Имено, смртоносното нешто кај ракот е тоа што тој постојано расте. Вакцината за рак треба да го запре растот, дури и кога ракот метастазирал. Со вакцина, ракот би станал хронична болест со која може да се живее.
Заедно со Curevac други интензивно ги истражуваат можностите за развој на вакцина против рак. На почетокот на октомври, BioNTech објави многу ветувачки резултати од тековната клиничка студија. Веќе ја тестира ефикасноста на вакцината врз доброволци заболени од рак. Затоа извршниот директор на BioNTech, Угур Сахин, оптимистички најави дека очекува вакцина да постои пред 2030 година.
На долг рок, вакцините за рак треба да ги заменат сегашните терапии за пациентите со рак. Ова би било неверојатно подобрување бидејќи сегашните терапии, зрачењето или хемотерапијата, се голем товар за пациентите. Предноста на користењето на технологијата mRNA е што имунолошкиот систем е стимулиран да го таргетира ракот и ништо друго.
ФОТО: EPA-EFE/RONALD WITTEK