ВАКЦИНА КОЈА СЕ АПЛИЦИРА САМО ВО ЕДНА ДОЗА: Спутник лајт со ефикасност до 85 проценти
Во Москва започнаа меѓународните клинички испитувања на
еднофазната вакцина Спутник лајт, објави ТАСС, повикувајќи се на изјава на
градоначалникот на руската престолнина Сергеј Собјанин, на неговиот блог.
-Денес започнуваме меѓународни клинички испитувања на вакцината Спутник лајт. Потребна е само една посета на пункт за вакцинирање со Спутник лајт. Имунитетот почнува да се развива по една недела и достигнува максимум четири недели по вакцинацијата, напиша Собјанин.
6.000 луѓе ќе учествуваат во тестовите за вакцини - 3.000 во Русија и 3.000 во ОАЕ.
Спутник лајт веќе ја помина првата фаза на тестирање. Сите вакцинирани развија имунитет на КОВИД-19. Сепак, сè уште нема официјални точни проценки за ефикасноста на вакцината. Според директорот на рускиот Фонд за директни инвестиции, Кирил Дмитриев, ефикасноста е од 73 до 85 проценти.
Во Москва, секој возрасен граѓанин може да биде имунизиран со Спутник лајт, доколку нема медицински контраиндикации и доколку веќе не бил вакциниран со Спутник V, пренесува ТАСС.
Според директорот на центарот Гамалеја, Александар Гинзбург, имунитетот против КОВИД-19 по вакцинацијата со Спутник лајт трае 4-5 месеци. Појаснува и дека, за разлика од Спутник V, еднофазната вакцина само ја намалува веројатноста за развој на тешка форма на болеста, но не ја исклучува инфекцијата.
