Вагнер се заканија дека ќе се одмаздат за смртта на Пригожин
Руската платеничка група Вагнер остана без раководството и сега најавува одмазда.
Истрагата се фокусира на подметната експлозивна направа во авионот. Според британските разузнавачки служби пак, најверојатно зад соборувањето на авионот на Пригожин стои домашната руска разузнавачка и безбедносна агенција ФСБ, која е лојална на претседателот Владимир Путин.
Пригожин обвинуваше дека непотребно гинат војници на украинска територија, односно поради грешни чекори на руската одбрана. Пригожин во јуни дури започна и воен пуч и тргна да го освојува Кремљ, но истиот ден се повлече и замина за Белорусија откако тамошниот претседател Александар Лукашенко беше посредник за да се запрат тензиите.
Припадници на Вагнер се заканија дека ќе се одмаздат.
„Многумина зборуваат што ќе направи Вагнер во оваа ситуација. Ќе кажеме само едно – тргнуваме. Очекувајте нè“, рекоа војници на Вагнер.
Пригожин имаше голем број приврзаници во Санкт Петербург. Луѓето таму денеска положуваат цвеќиња.
„Тој ни беше како татко. Тој ни беше сè и сите секогаш чекавме да чуеме што тој има да каже“, велат припадници на Вагнер.
Особено за западниот свет, смртта на Пригожин не е изненадување, откако тој влезе во судир со Путин и министерот за одбрана Сергеј Шојгу. Сепак, американскиот претседател Џо Бајден вели дека не може да се тврди со сигурност кој стои зад смртта, но не исклучува тоа да е рускиот државен врв.
Француските власти кажаа дека постојат разумни сомневања кој може да стои зад падот на авионот, но не откриваат повеќе детали. Единствено кажаа дека Пригожин важел за човек кој ја вршеше валканата работа на Путин и зад себе остави масовни гробници во Украина, Блискиот Исток и ширум Африка.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки вели дека по смртта на Пригожин. групата Вагнер ќе стане поопасна за Полска.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Украина нема никаква врска со смртта на Евгениј Пригожин.
