Узбекистан: Присилна работа за да се собере „белото злато“
Секоја година отприлика во ова време, скоро еден милион луѓе - меѓу кои и наставници, лекари и студенти - се пренесуваат на узбекистанските полиња со памук за да го собираат „белото злато“. Се извлекуваат од нивните работни места и училишта, понекогаш под закана или со отпуштање, па дури и со физичка казна, и се приморани да исполнат квоти за да и помогнат на владата да заработи значаен кеш.
Овие сезонски работници не се индиректно приморани да одат во полињата, на пример заради сиромаштија, велат од групите за човекови права, туку од квазифеудалниот систем од кои корист имаат елитите. Активистите сега се загрижени дека големите инфузии со меѓународна помош, можат да го закочат проблемот, наместо да го решат.
УНИЦЕФ и Светска банка доделија грант вреден 49,9 милиони долари, побаран од владата на Узбекистан, за поддршка на образованието. Овие средства би дошле од Глобалното партнерство за образование (ГПЕ), чадор организација со седиште во Вашингтон. Според барањето за грант, помошта би им помогнала на учениците во руралните средини кои се во поголема обесправеност во споредба со урбаните ученици, затоа што таму имааат помалку наставници и ресурси.
Во апликацијата не се споменува дека безброј ученици и наставници во Узбекистан губат часови по два месеци во годината, затоа што собираат памук. Се разбира дека приоритет за секоја реформа на образовниот систем треба да биде напорот тие да се вратат во училниците.
Критичарите на новиот план за финансирање велат дека УНИЦЕФ ги затвора очите за да ја задоволи злобната репресивна влада на Узбекистан, и да не бидат истерани од државата, како што тоа се случи со други агенции на ОН и НВО-а. УНИЦЕФ „ја загуби преставата за својот мандат: со дозволување на присилна детска работа“, вели американски хуманитарен работник кој има повеќе од една деценија работно искуство во образованието во регионот. Како одговро на ова, Уницеф одговори дека разбира оти „детската работна сила е голем проблем за образовниот систем во Узбекистан“, но додава и дека тоа не е главниот проблем.
Ова не е првпат помошта од надвор да не се обзирнува на групите за човекови права кои водат кампањи против присилната работа на памучните полиња. Од Азиската банка за развој сметаат дека ќе го преиспитаат ветувањето кое го дадоа во септември годинава, со кое ќе доделат 220 милиони долари за да помогнат во модернизирањето на системот за наводнување во Узбекистан. Каква било помош ќе помогне првенствено во памучната индустрија, која тие ја сметаат за одговорна во системот на присилна работа.
Корените од оваа пракса водат назад во времето на Советскиот Сојуз, кога милиони граѓани рутински биле праќани на полињата да помагаат во земјоделските работи. По колапсот на Споветскиот Сојуз, земјиштето во Узбекистан беше приватизирано, но само теоретски. Но недостигот од издржливи реформи ги остави земјоделците целосно зависни од ресурсите на државата. Локалните власти им кажуваат колку памук треба да соберат и им забрануваат да го продаваат било кому освен на државата, по понижувачки цени.
Истражувачите од Училиштето за ориентални и африкански студии во Лондон, направија една од најопсежните студии за овој феномен. Тие опишаа како е сето тоа организирано од самиот врв. Владата на Узбекистан, која поставува квоти за секој регион, го продава памукот во странство по цените на светските пазари, заработуваат огромен профит во странски валути, кои пак исчезнуваат на непознати сметки. Ако фармерите не ја исполнат зададената квота, властите можат да им го одземат земјиштето. Но затоа што земјоделците не можат да си дозволат дополнителна работна сила, им назначуваат државни службеници, меѓу кои се и лекарите и медицинските сетри, и учениците - порано и децата од девет годишна возраст нагоре - велат од Хјуман рајтс воч - за работа на памуковите полиња.
Годинава САД му даде на Узбекистан најниска оценка на своето годишно рангирање по оценките за трговија со луѓе и присилна работна сила. Во извештајот се истакнува дека жртви се и децата и возрасните. „Владата на Узбекистан останува една од неколкуте влади во светот која ги тера своите граѓани на присилна работа преку спроведување на државната политика“.
Комерцијалниот бојкот во последниве години доведе до бројка од 130 наводни купувачи да го одбијат узбекистанскиот памук. Според извештаите од рускиот печат, Кина сака да купи половина од сета жетва на памук во Узбекистан. И Бангладеш е голем откупувач. Според некои проценки, 83 проценти од годинешнава жетва на памук ќе биде испорачана во овие две земји.
Ова се скромни знаци дека Узбекистан почнува да слуша. Минатата година од Узбечко-Германскиот форум за човекви права рекоа дека биле мобилизирани малку деца на возраст под 15 години. Но за да го пополни овој недостаток, властите спровеле „масовна мобилизација без преседан“ од тинејџери и студенти од универзитетите.
По скоро седум години дискусии, годинава Узбекистан дозволи мисија за мониторирање од Меѓународната организација на трудот (ИЛО). Не е познато што узбечките власти ќе им дозволат да видат. Властите изгледа не се подготвени да разговараат за овој проблем; новинарите и активистите редовно се апсат ако се приближат. По известувањата за жетвата во минатиот месец, независниот новинар Сергеј Наумов бил уапсен по обвинувањето кое властите често го користат за да ги замолчат и одвратат нивните критичари. Жена за која Наумов вели дека никогаш не ја сретнал, го обвинила дека на улица ја зграпчил за гради. Цели 12 дена тој бил недостапен, токму во зенитот на жетвата. Ако не бил уапсен, можеби и би напишал нешто за сториите како онаа за Амирбек Рахматов, шест годишното момче кој се задушило под куп од памук минатиот месец, неколку недели откако тргнал во прво одделение.
Извор: Миа
