Уругвај сака легализирано производство и продажба на марихуана
Уругвајскиот претседател Хосе Мухика планира низ парламентот да „протурка“ предлог за формирање индустрија за производство на марихуана под контрола на државата, објави денеска британскиот весник Гардијан.
Со тоа Уругвај би стана прва држава во светот која би наметнала правила и лиценцирала производство, дистрибуција и продажба на марихуана.
Според официјални лица, целта не е прилив на пари во буџетот туку борба за намалување на ситниот криминал и отстранување на илегалните дилери.
Долниот дом на уругвајскиот конгрес веќе го усвои тој предлог, а се очекува Мухика да го „протне“ и во Сенатот, наведува Гардијан.
Продажбата на марихуана би требало да почне во втората половина од 2014 година по цена од околу еден долар за еден грам. Тоа е речиси осумпати пониска цена по која се продава марихуана легално во САД за медицински цели. Според уругвајскиот Национален совет за дрога околу 120.000 од 3,3 милиони Уругвајци пушат марихуана еднаш годишно, околу 75.000 еднаш неделно и 20.000 секој ден.
