Унгарија ќе стави вето на санкциите на ЕУ кон Русија поврзани со нуклеарната енергија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека неговата земја ќе стави вето на какви било санкции на ЕУ за Русија поврзани со нуклеарната енергија.
- Нема да дозволиме нуклеарната енергија да биде вклучена во планот за санкции против Русија. Тоа не доаѓа предвид - изјави Орбан за унгарското државно радио, пренесува Ројтерс.
Тој додаде дека на таквиот можен предлог „сигурно ќе се стави вето“.
Унгарската нуклеарна централа Пакс, која беше пуштена во употреба во 1980-тите, има четири реактори VVER 440 од Русија, со комбиниран капацитет од околу 2.000 мегавати.
Унгарија преку Пакс исполнува половина од енергетските потреби и планира да го зголеми капацитетот на таа електрана за уште два реактори во соработка со Русија.
Украина претходно ја повика ЕУ да воведе санкции за руската државна компанија за нуклеарна енергија Росатом, но Унгарија ја блокираше иницијативата.
