Унгарија ја уценува Украина за влез во НАТО - бара права за своето малцинство
Унгарија ја уценува Украина за влез во НАТО и бара права за своето малцинство.
Шефот на дипломатијата, Петер Сијарто го повтори ставот на неговата држава дека не сака формирање комисија за влез на Украина во НАТО поради спорот за правата на унгарското малцинство во Украина. Вели дека овој став е познат и не е изненадување.
„Јасно ставивме до знаење пред многу години дека додека Украина не ги врати правата на закарпатските Унгарци, нема да се согласиме на свикување на оваа комисија“, напиша Сијарто на својот Фејсбук профил.
Будимпешта и Киев се расправаат околу малцинските права откако украинскиот Парламент во 2017 година го усвои Законот за образование, кој Будимпешта тврди дека ги загрозува правата на унгарското национално малцинство, да студираат на својот мајчин јазик. Бројот на Унгарци во Украина од кои мнозинството живее во Закарпатската област се проценува на околу 140.000. На територија на Украина живеат припадници на 130 националности, а Русите се најбројни. Инаку, Украина се стреми кон влез во НАТО и ЕУ.
