Унгарија бара од ЕУ да ги укине санкциите против тројца руски олигарси
Иако Европската унија воведе одредени забрани за руските олигарси преку неколку пакети санкции, една од земјите-членки побара укинување на санкциите за тројца Руси кои се познати како најбогати луѓе.
Според магазинот „Политико“, Европската унија има рок до 15 септември да ги обнови санкциите и другите мерки против поединци од Русија. Иако Брисел очекуваше оваа одлука да биде прашање на формалност, Унгарија би можела да го блокира усвојувањето на новите санкции.
„Будимпешта побара бришење на тројца руски државјани од списокот со санкции на ЕУ. Овој потег ги налути другите земји од ЕУ кои сè уште имаат горчливи сеќавања за одлуката на Унгарија да се спротивстави на воведувањето забрана за руската нафта“, пишува списанието Politico.
Според извештаите, Унгарија побарала Алишер Усманов, Петр Авен и Виктор Рашников да бидат избришани од листата на санкции.
Усманов е личност која се збогати во рударскиот сектор, а е поранешен акционер на лондонски Арсенал. Петр Авен е бизнисмен и политичар кој долго време ја водеше најголемата комерцијална банка во Русија, додека Рашников е олигарх кој своето богатство го стекнал со работа во секторите за железо и челик.
„Унгарија исто така побара од ЕУ да направи исклучоци од санкциите кога станува збор за хуманитарната помош. Ова ги зголеми стравувањата меѓу другите земји од ЕУ дека Унгарија сака да направи дупки во санкциите во време кога Европската комисија се обидува да ги заостри правилата “, се вели во магазинот.
