Ултиматумот на Путин против идниот претседател на САД
Следната администрација на САД ќе ги наследи најлошите односи со Русија откако Роналд Реган го нарече Советскиот Сојуз „империја на злото“. Судејќи според листата на барања кои претседателот Владимир Путин ги претстави, дури и на Доналд Трамп ќе му биде доста тешко да ги задоволи, кој негува позитивни чуства кон Русинот, коментира Леонид Бершидски за BloombergView.
Путин упати порака кон идниот претседател на САД точно кога американскиот Стејт департмент објави дека ги прекинува преговорите со Русија за запирање на огнот во Сирија, а поддржаните сириски единици од Русија тргнаа да заземат уште поголем дел од Алепо. Во нацрт претставен пред парламентот, Путин се закани дека ќе стави крај на заедничката програма за разоружување меѓу САД и Русија, во која вишокот плутониум, со кој може да се направи оружје, се претвора во гориво. Потегот ќе биде направен, ако САД не задоволи одредени услови, меѓу кои:
- Враќање на инфраструктурата и намалување на вработените на НАТО до нивоата од септември 2000 година
- Укинување на „Законот Магнитски“, кој воведе санкции врз руски претставници, кои ги нарушуваат правата на човекот;
- Поништување на сите американски санкции против руски лица и компании;
- Компензација на Русите за штетата нанесена од санкциите на САД и од руските „принудни контрасанкции“;
- Претставување на „јасен план за неповратно уништување“ на вишокот плутониум на САД.
На ист начин Путин можеше едноставно да каже дека програмата ќе биде вратена кога пеколот ќе замрзне, пишува Бершидски. „Тој побара премалку“, пишува саркастично на Facebook Леонид Волков, политичар и противник на Путин. „Тој требаше да си ја побара Аљаска назад, вечна младост, Елон Маск и билет до Дизниленд“.
Дури и ако американската администрација беше неочекувано подготвена да ги укине санкциите наметнати во одговор на руската агресија во Украина, дури претседателот Доналд Трамп не би се согласил на понижувачки и нелогично барање за компензација - особено поради малигната одлука на Русија да забрани увоз на прехранбени производи од Западот, потег од кој настрадаа главно локалните корисници. Ограничувањата на НАТО исто така нема да се случат.
Договорот со плутониумот беше во голема мера симболична и онака беше речиси пропадната. Во неа беа вклучени само 34 тони плутониум за секоја земја што е прилично мал удел од нуклеарниот арсенал на двете држави. Администрацијата на Обама го стави својот дел од програмата во „процес на чекање“ во 2014 година, по серијата несогласувања по прашања како како да биде уништен плутониумот или високата цена за неговата трансформација во гориво за нуклеарни централи. Потегот сигнализира дека САД се подготвени за одбивање на Русија, исто така да го исполни својот дел од договорот.
Изборот на Путин јавно цели да го потсети светот дека Русија останува нуклеарна сила со непотребен плутониум за разлика од повеќето земји во соседството. Украинскиот претседател Петро Порошенко најверојатно горко зажали дека неговата земја се откажа од својот нуклеарен арсенал во средината на 90-тите години во замена за сега бескорисните гаранции од Русија, САД и Велика Британија дека нема да биде нападната. Порошенко сака да го убеди Вашингтон дека Украина заслужува смртоносно американско оружје, откако беше измамена да се откаже од својата моќна одбрана, можност која инаку веројатно би продолжувала да ја чува и во 2014 година, додава Бершидски.
Пораката на Путин е дека Русија ќе почне да делува како рамна, без разлика дали САД сакаат да ја третираат како таква. Тоа е потсетник на претседателските кандидати дека смирувањето на Русија ќе има цена и дека почетната точка на Русија во сите преговори ќе биде арогантно висока. Бидејќи е малку веројатно сегашната администрација на САД да ги засили воените дејства во Сирија, Русија ќе направи се што е можно за да се увери дека силите на претседателот Башар ал Асад ќе добијат убедлива победа над Алепо пред следниот претседател на САД да положи заклетва. Одлуката на САД да се повлечат од преговорите не значи многу за Путин, кој и без тоа побрзо се обидуваше да добие на време.
Путин знае дека неговата воинствена позиција ќе излезе скапо. Во почетокот на октомври Министерството за финансии предложи зајакнување на класифицираниот дел на буџетот - кој вклучува воени трошоци и такви за одбрана, за околу 680 милијарди рубљи (10,9 милијарди долари), потег кој ќе бара намалување на другите трошоци и зголемување на дефицитот.
Тешко е да очекуваме дека Барак Обама може и да одговори сериозно на барањата на Путин. Следниот претседател на САД сепак ќе треба да одлучи што да прави со непомирливата Русија. Една од опциите е да ги зајакне санкциите и да почека економијата да ослаби, за да ја поткопа позицијата на Кремљ. Таквиот пристап, сепак може да има итни и несогледливи последици за Блискиот Исток и други места, завршува Бершидски.
