Украинските уметници бараат прибежиште во Европа, им се нуди сместување, се собираат донации
Откако изби војната во Украина, уметниците од оваа земја бараат прибежиште во европските земји.
На располагање им се понудени апартмани, соби, вили, места каде и досега се сместувале уметници за резиденцијални престои. Од организацијата Артисти во ризик велат дека досега имаат над 220 апликации од уметници од Украина. Тие ќе се потрудат максимално да им излезат во пресрет на уметниците од оваа држава. Можат да аплицираат поети, писатели, сликари, вработени во институции од културата и други. За нив и натаму се собираат донации.
„Уметниците веќе се сместени во неколку земји, како што се Франција, Германија, Чешка, Австрија, Финска, Шведска, Холандија. Артисти во ризик има повеќе од 100 хостинг организации во ЕУ. Договорите за престој се склучуваат директно помеѓу уметниците и резиденцијата/домаќинот, така што должината на престојот и нивото на грантот за живеење зависи од домаќинот на резиденцијата. Должината на резиденциите варира од 3 до 12 месеци, а најчесто тие се планирани за 3 месеци. Ако домаќините на престој не можат да обезбедат грантови за живеење, Aртисти во ризик има ограничени грантови за итни случаи за таа цел максимум 3 месеци. Артисти во ризик собира средства преку донации за таа цел“, велат Марита Миконен и Ивор Стодолски од оваа организација.
Чешка има долга листа на места каде овие луѓе би можеле да се сместат, а сместување за уметниците нудат и организации од соседна Грција, но и Романија. Оние кои ќе се пријават, во рок од неколку дена ќе добијат одговор од Артисти во ризик. Во апликацијата наведуваат информации за себе, со која уметничка дисциплина се занимаваат, но и за тоа дали потреба од сместување има и некој друг член од нивното семејство. На веб страницата на Артисти во ризик, стои дека илјадници уметници и борци за човековите права и нивните семејства и понатаму се изложени на висок ризик без начин да се дојде до безбедна земја.
Досега од Украина избегаа скоро 3 милиони луѓе, оценуваат Обединетите нации. Вкупно 2,95 милиони Украинци ги напуштија своите домови, а 1,8 милиони влегоа во Полска. Други отпатуваа во Унгарија, Романија и Словачка.
Сања Атанасовска