Украински снајперист: Од 524 убиени Руси, 76 се мои и секој истрел е електронски снимен
Новинарскиот тим на Би-Би-Си имаше можност да се сретне со снајперска единица која спроведува ноќни операции во близина на уништениот град Бахмут во Украина. Елитната единица на украинската армија се наоѓа на работ на окупираниот град, во домет на руската артилерија. Кога пред шест месеци единицата почна да ги елиминира окупаторите, тие ја нарекоа „Духовите на Бахмут“. Командантот, чиј прекар е „Дух“, води тим од околу 20 војници кои ловат цели од висок профил.
На прашањето на новинарите на Би-Би-Си колку Руси елиминирал неговиот тим, „Дух“ одговори – 524.
„Од нив, 76 се мои. Секој истрел е електронски снимен“, вели Дух.
Не се сеќаваат сите снајперисти колку окупатори елиминирале. Стрелецот Кузја пред да стане специјалист за снајпер, работел во фабрика. Тој вели дека никогаш не бил љубител на пушки, но почувствувал потреба да земе пушка кога рускиот претседател Владимир Путин ја нападнал Украина.
„Секоја мисија е опасна. Се разбира дека се плашам, само будала не би се плашел“, вели Кузја.
Тој вели дека ако згрешат, непријателот ќе ги погоди. Олександр Киндратенко, портпарол на специјалните сили, неодамна во коментар за украинска „Правда“ откри дека снајперисти убиваат Руси во близина на Бахмут на растојанија од 715 до 2062 метри.
Шест лица, меѓу кои и 10-годишно девојче и нејзината мајка, се убиени во денешниот руски ракетен напад врз јужниот украински град Кривиј Рих, родниот град на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Уште десетици цивили се повредени.
Руската инвазија на Украина почна лани на 24 февруари.
