Економија, финансии, бизнис

Контакт

Украински милионер: „Го давам животот и целото богатство за пораз на проруските терористи!“

Украински милионер: „Го давам животот и целото богатство за пораз на проруските терористи!“
Украинскиот милионер Вјачеслав Константиновски (53) од Киев објави дека ќе го вложи целото свое богатство и парите од продажба на луксузните недвижности и автомобилот „ролс-ројс фантом“ за да ја поддржи борбата на украинската војска против проруските сепаратисти во источна Украина. Покрај ветувањето дека ќе се откаже од се за што работел во текот на животот, милионерот одлучил и самиот како доброволец да се приклучи на борбите во регионот на Донбас, истакнувајќи дека не го жали ниту животот откако слушнал дека проруските активисти вчера од заседа убиле најмалку 10 украински војници. Богатството на Константиновски се проценува на нешто повеќе од 2,5 милиони евра, кои ги заработил заедно со братот-близнак Александар. Неодамна на листата на најбогати Украинци тој го зазел 44 место. Со оглед на тоа што е многу познат во неговата земја, многумина беа изненадени од неговата одлука да се откаже од се што поседува за да застане покрај украинската војска. „Пријатели, ви благодарам уште еднаш на зборовите за поддршка. Вистина е дека сум на пат кон воената зона за да бидам покрај нашите херои“, напиша милионерот на својот Фејсбук профил, на кој поставил и фотографија од својот вреден „ролс-ројс фантом“. „Во мојот претходен живот овој автомобил беше симбол за успех. Сега моите приоритети се променија. Подготвен сум да го продадам или да го заменам за работи кои и се потребни на нашата армија. Заинтересираните слободно нека ме контактираат“, порачал Украинецот. Инаку, во Украина тој е познат по неговата љубов за скапи автомобили, луксузни куќи и девојки топ-модели. Константиновски со неговиот брат неколку години поминале во Америка, по што се вратиле во Украина и го изградиле своето „царство“ со помош на компанијата „Киев-Донбас Дивелопмент Груп“, која инвестираше во неколку сектори, вклучувајќи ресторани, синџири за брза храна и градежништво. Браќата Константиновски се познати по своето антируско расположение, а во 2006 година за малку избегнаа атентат од руска мафијашка група во Њујорк.
Слично

Поврзани вести