Економија, финансии, бизнис

Контакт

Украинска новинарка за Фактор: Не е страшно да се пишува за војната, страшно е да се живее среде војна

Украинска новинарка за Фактор: Не е страшно да се пишува за војната, страшно е да се живее среде војна

Украинската новинарка Мариана Гајдучик, вели дека не е страшно да се известува и пишува за војната, туку страшно е да се живее во воени услови.

Иако е млада, таа работела во повеќе медиуми, и претходно во текот на 2014 година известувала за судирите во Донбас. Вели дека сега е стресно да се живее во Украина, затоа што  никој не е безбеден.

„Пишував за војната во Украина во 2014 година. Работев на ТВ каналот ЗИК, ja подготвував програмата „На периметар“ и програмата „Воени патеки“. Русија првпат ја нападна Украина во 2014 година. Сега работам за каналот Украина. Јас живеам во Киев. Се преселив од Киев поради војната и болеста на мајка ми. Не е страшно да се пишува за војна. Страшно е да се живее среде војна. Страшно е да знаете дека руски проектил може да ја погоди вашата куќа“, вели Гајдучик.

Таа вели дека Украина има воени новинари, кои се обучени да известуваат во вакви услови. Гајдучик поседува и специјална пропусница. Новинарите ги следат насоките од полицијата, Министерството за вонредни состојби, лекарите и другите надлежни институции. Сепак, вели дека не се знае која ќе биде следната мета, дали ќе биде тоа болница или градинка.

„Поминав специјална обука во 2016 година. Нашата војска не научи како да пружиме прва помош, како да носиме панцир и шлем, како да се криеме од гранатирање. Тренингот и вистинската војна се различни баш поради војната во близина на мојот дом. Пиев кафе додека траат експлозиите, спиев со звукот на експлозиите...“, раскажува таа.

Оваа новинарка вели дека војната направи пресврт во нејзиниот живот.

„Русија сака да ја уништи Украина. Украинската армија е силна. Украина ќе победи затоа што живееме на наша земја. Бев среќна личност. Имав сѐ пред војната. Многу патував низ светот. Морав да го напуштам мојот стан во Киев бидејќи руската војска влезе во мојот дом“, додава Гајдучик.

Таа има и совет за новинарите дека мора да бидат крајно претплазиви, да внимаваат на себе, но и да укажат помош на друг доколку е потребно.

„Новинарите мора да имаат комплет за прва помош. Новинарите мора да бидат способни да пружат прва помош, бидејќи се работи за живот“, изјави Гајдучик.

За себе вели дека сега е на безбедно, но не знае дали нејзиниот дом е уништен или не.

„Не знам што се случува со мојот стан сега. Бев во него пред една недела. Киев е под контрола на украинската армија. Но, областа, каде што е станот е во близина на Буча. Сакам војната да заврши денес. Не сакам да умираат украински деца. Верувам дека Украина ќе победи. Украина повторно ќе се изгради во уште поубава земја“, додава новинарката.

На 24 февруари, Русија ја нападна Украина, а претходно рускиот претседател Владимир Путин ја призна независноста на областите Доњецк и Луганск. Во војната загинаа лекари, цивили, војници, деца, но и новинари.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести