Украинска фабрика за оружје ќе се отвори на територија на НАТО
Прва украинска фабрика за оружје ќе се отвори на територија на НАТО и тоа во Данска.
„Украинскиот производител на оружје Fire Point ќе отвори фабрика во Данска“, соопшти данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
Овој потег е пресвртница во соработката меѓу Киев и неговите западни сојузници.
Фабриката ќе биде лоцирана во градот Војенс, на југот на земјата, каде што се наоѓа и данска воена база со борбени авиони F-16. Станува збор за прв случај украинска компанија за оружје да отвори производствен погон во земја-членка на НАТО.
Fire Point е специјализирана за борбени дронови и крстосувачки ракети, меѓу кои и моделот Flamingo FP-5. Отворањето на фабриката се очекува до декември.
Поулсен го најави проектот на состанокот на нордиските и балтичките лидери, на кој присуствуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Данскиот министер призна дека Кремљ може да се обиде да одговори со „саботажа и шпионажа“, додавајќи дека „заканата, секако, стана поголема“.
