„Украинци, Володимир ве убива“: Захарова за вонредната мобилизација
Украинскиот претседател Володимир Зеленски убива украински граѓани со западни пари, изјави денес портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, зборувајќи за вонредната мобилизација во Украина.
„Поради катастрофалниот недостиг на борци на фронтот, Банкова (украинската претседателска администрација) започна вонредна мобилизација во Украина. Планирано е да се стават повеќе од 120.000 луѓе под оружје“, рече Захарова на прес-конференција, објави Тасс.
Таа ги праша украинските граѓани дали, сега кога украинската претседателска администрација „веќе издвојува 12 милиони долари за оваа вонредна мобилизација“, ќе разберат дека „Зеленски едноставно ги убива со западни пари“.
Захарова, исто така, рече дека „кражбата на руски имот“ од страна на Европската Унија би имала исклучително негативни последици за глобалниот финансиски систем.
„Очигледно е дека ако ЕУ продолжи да краде руски средства, последиците за целиот глобален финансиски систем ќе бидат исклучително негативни. Оние кои учествуваат во таков криминал нема да останат неказнети. И како што гледаме, Брисел го разбира ова многу добро, бидејќи шефот на белгиското Министерство за надворешни работи, Максим Превост, во својата изјава во суштина повикува на споделување на одговорноста за евентуална кражба со други соучесници од ЕУ“, нагласи Захарова.
