Украинци бегаат од државата, за Спасеновски – не е опасно!
На Украина и се заканува хуманитарна катастрофа. Само од јануари, според податоците на руските гранични служби, 675 илјади Украинци ја напуштиле земјата и избегале во Русија. „Ако кризата продолжи може да се очекува бран од стотици илјади бегалци од Украина“, објавија руските гранични служби.
Украинските власти за сега се обидуваат да избегнат конфликт со далеку помоќната руска војска. Киев ги повлече бродовите на крајбрежната стража од пристанишатата Керч и Севастопол на Кримскиот Полуостров и ги префрли во други бази во Одеса и Мариупол на Црното Море. Но, ова не ги намалува тензиите.
Припадници на руската армија денеска ги блокираа украинските воени бази на Крим, барајќи од украинските војници да го предадат оружјето. Украинскиот премиер Арсениј Јаценјук вели дека државата е „на работ на национална катастрофа“. „Ако рускиот претседател Владимир Путин сака да биде претседателот што ќе започне војна меѓу две пријателски соседни земји, од тоа го делат само неколку сантиметри. Ова не е закана, ова е всушност објава на војна кон мојата земја!“, рече Јаценјук.
Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен предупреди дека со интервенцијата на Крим, Русија ја прекршува Повелбата на Обединетите нации и го загрозува мирот и стабилноста во цела Европа. „Русија мора да ги запре своите воени активности во Украина“, порача Расмусен.
И покрај ваквиот драматичен развој на настаните во Украина, македонскиот амбасадор во Киев Ацо Спасеновски вели дека причина за загриженост нема и оти македонското население таму е безбедно. Но, не кажува дали има македонски државјани кои евентуално се нашле на кризниот Крим.
„Состојбата во Киев моментално, само заседава Врховната Рада и нема ништо посебно. Се што се случува, се случува на Крим. Безбедно е се“, вели Спасеновски за ТВ 24 Вести.
Слично
