Украина во целосна борбена готовност за војна со Русија
Украина е во целосна борбена готовност заради можна инвазија на руски трупи на источната граница, изјави привремениот украински претседател Олександар Турчинов. Според него, „заканата за Русија да започне војна против континентална Украина е реална“.
Турчинов го изјави ова на министерски состанок, на кој ги информирал и регионалните гувернери на Украина дека полицијата и безбедносните сили се „немоќни“ да ги контролираат немирите во два источни региони на границата со Русија - Доњецк и Луханск.
„Ќе бидам искрен: денес безбедносните сили не се во можност брзо да ја стават под контрола ситуацијата во овие два града“, признал Турчинов, нагласувајќи дека сега напорите на полицијата се насочени кон спречување немирите да се прошират и во други региони.
Тој навел и дека во овие два града дел од безбедносните служби дури и започнале да соработуваат со проруските сепаратисти, а другите не се во состојба да ги заштитат граѓаните.
Американскиот државен секретар Џон Кери денеска објави дека САД имаат докази кои ја поставуваат Русија зад немирите во источна Украина - американските разузнавачи успеале да ги пресретнат пораките кои Москва ги испраќала до сепаратистите во Украина.
„Знаеме кој точно ги издава наредбите, знаеме од каде тие доаѓаат. Разузнавачките служби работат на снимките од тие разговори“, изјави Кери.
Слично
