Економија, финансии, бизнис

Контакт

Украина повторно ја погоди московската рафинерија, Зеленски порача дека тоа е одговор на руските напади

Украина повторно ја погоди московската рафинерија, Зеленски порача дека тоа е одговор на руските напади

Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека украинските сили повторно извршиле удар врз цели во московскиот регион, при што, според него, по вторпат оваа недела била погодена московската нафтена рафинерија.

Покрај московскиот регион, цели биле погодени и во Ростовската област, како и на привремено окупираните територии на Украина. Зеленски оцени дека станува збор за „целосно оправдан одговор“ на руските напади врз украинските градови и заедници.

„Ова е уште еден важен резултат од работата на нашите воини против објекти што ја одржуваат руската воена машина“, порача Зеленски.

Тој им се заблагодари на украинските одбранбени и безбедносни сили, меѓу кои Службата за безбедност на Украина, Силите за беспилотни системи, Специјалните сили, военото разузнавање и ракетната бригада, наведувајќи дека ударите биле изведени координирано и прецизно.

Московската рафинерија во Капотња е еден од клучните енергетски капацитети за рускиот главен град. Според украински извори, таа покрива околу 40 проценти од потребите за нафтени деривати на Москва и околниот регион. Ројтерс, пак, објави дека станува збор за најголемиот снабдувач со гориво за московскиот регион и дека претходниот удар привремено ја запрел работата на постројката.

Украина во последните месеци сè почесто ја насочува својата далекуметна кампања кон руски рафинерии, складишта за гориво и друга инфраструктура поврзана со снабдувањето на руската армија. Според западни медиуми, ваквите напади веќе создаваат притисок врз рускиот пазар на горива, а Москва се соочува со ограничувања во снабдувањето во повеќе региони.

Зеленски порача дека партнерите на Украина ја забележуваат прецизноста и ефектот на украинските среднодометни и далекуметни удари. Според него, војната мора да заврши, а Русија треба да ги преземе потребните дипломатски чекори.


Фото: AFP via Getty Images

Слично

Поврзани вести