Украина одново на работ на катастрофа
Украинските власти денеска испратија специјалци во Доњецк и Харков, со цел да ги вратат под контрола двата града во источна Украина во кои проруски демонстранти бараат отцепување и приклучување кон Русија.
Во антитерористичка акција во Харков биле уапсени 70 проруски сепараттисти, објави украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков. Во изминатите два дена тие под контрола ги држеа зградите на регионалните власти во источните украински градови, прогласувајќи „нардони републики“ и барајќи референдум за отцепување.
Но, акцијата на украинските специјалци во источните делови на Украина предизвика итна реакција од Москва, која бара веднаш властите во Киев да престанат со операциите на истокот кои се закануваат да ја вовлечат земјата во граѓанска војна.
„Ние сме особено загрижени заради активностите на околу 150 американски платеници од приватната компанија „Грејстоун Лимитед“, кои се облечени во униформи на украинската специјална полициска единица Сокол“, стои во соопштението на официјална Москва.
Во острото соопштение се бара Киев веднаш да ги прекине операциите и воените подготовки кои можат да предизвикаат граѓанска војна во земјата. „Организаторите и учесниците во вакви настани преземаат огромна одговорност за загрозување на правата, слободите и животите на украинските граѓани, како и стабилноста на Украина“, стои во соопштението.
За развојот на настаните во источните делови на Украина вчера телефонски разговарале американскиот државен секретар Џон Кери и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Според Стејт департментот, Кери го предупредил Лавров дека натамошните обиди на Русија да ја дестабилизира Украина ќе значат и натамошна цена што ќе мора да ја плати Москва.
Слично
