Украина меѓу земјите на кои им се заканува кипарското сценарио
Покрај Словенија и Малта, Украина би можела да биде уште една европска земја на која ѝ се заканува банкрот, поради внатрешни финансиски тешкотии и проблеми во враќањето на странските заеми, тврди познатиот банкарски аналитичар Тимоти Аш.
Оваа земја има проблеми бидејќи граѓаните се потешко ги враќаат банкарските кредити, смета тој, додека бизнисот на некои олигарси во таа земја е загрозен поради прогнозираниот недостиг на готови пари, по колапсот на банките на Кипар во кои и некои претприемачи од Украина имале значајни средства.
Лондонски „Фајненшал тајмс“ исто така предвидува тежок период за Украина до кој ќе дојде и поради очекуваниот пад на економската активност оваа година, по многу слабиот економски раст во текот на 2012 година.
Таквата ситуација, според пишувањето на лондонскиот весник, му наложува на Киев да побара помош од надвор, дали од сега финансиски моќната Русија или од ММФ, бидејќи Украина оваа година мора на странските доверители да им врати околу 10 милијарди долари.
Украина и ММФ веќе две години безуспешно преговараат за тој заем, којшто раководството досега одбиваше да го одобри бидејќи Киев не се согласи да ја укине повластената цена на плинот за домашните потрошувачи.
Повеќе од 100 милијарди долари Украина сега им должи на странските доверители, а владата оваа година воведе остри мерки за увоз на рускиот плин и на други енергенти, настојувајќи да го намали сè поголемиот дебаланс во надворешната трговија и на платниот биланс на земјата.
Слично
