Украина ја потврди смртта на 70 војници, Москва се заканува поради испораката на оружје
Делегациите на Украина и Русија во понеделник ги завршија преговорите на украинско-белоруската граница.
Како што беше претходно најавено, Киев на средбата побара итен прекин на огнот и повлекување на руските војници од украинска територија.
Претседателот Володомир Зеленски ги повика руските војници да го положат оружјето, а ЕУ итно да ја прими Украина во членство.
Во своето обраќање доцна вечерта, тој рече дека Русија за пет дена истрелала 113 крстаречки ракети и имала 56 ракетни напади и дека во понеделникот брутално пукала кон Харков.
Рускиот претседател Владимир Путин му рекол на својот француски колега Емануел Макрон дека бара признавање на црноморскиот полуостров Крим како руска територија, „денацификација“ на украинската влада и „неутрален статус“ на Украина, како предуслов за крај на руската инвазија на Украина, соопшти Кремљ.
Амбасадорката на Украина во Соединетите држави во понеделникот апелираше до членовите на американскиот Конгрес за дополнителна помош бидејќи нејзината земја се противи на руската „брутална војна“, велејќи дека Русија користела т.н. вакуумска бомба, или термобарично оружје, во понеделникот при инвазијата на Украина. Украинските власти потврдија дека најмалку 70 војници биле убиени во руски артилериски напад врз нивната воена база во неделата, пишува Би-Би-Си.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека оние кои испорачуваат смртоносно оружје во Украина ќе сносат одговорност доколку се употреби за време на руската воена операција во таа земја. Руската армија стигна до украинскиот град Керсон.
Foto: EPA
