УКРАИНА ГО ДОБИВА МОЌНИОТ „ПАТРИОТ“ОД АМЕРИКА: Што друго порачаа Бајден и Зеленски од Вашингтон
Испраќањето на
противвоздушниот „Патриот“ во Украина не претставува ескалација на војната во
таа земја бидејќи се работи за одбранбени системи, изјави американскиот
претседател Џо Бајден на прес-конференција со украинскиот претседател Володимир
Зеленски. „Патриотот не е ескалација, тоа е одбранбен систем“, рече
Бајден во Белата куќа, за време на конференцијата со украинскиот лидер кој е во
официјална посета на Вашингтон.
„Би сакале да не се користи“, додаде Бајден за напредниот систем за противвоздушна одбрана, повикувајќи ги Русите „да престанат со нападите“. Зеленски рече дека системот Патриот е важен чекор кон формирање на ефективен воздушен штит против руските напади. „Ова е единствениот начин да се лиши терористичката држава од нејзиниот главен инструмент на теророт – способноста да ги таргетира нашите градови, нашата енергија“, рече украинскиот претседател.
Украина долго време бара подобра противвоздушна одбрана
Зеленски и другите високи украински функционери долго време побараа од западните сојузници да им обезбедат повеќе противвоздушни и противракетни системи за да ги спречат руските ракетни напади врз енергетски објекти и друга критична инфраструктура.
Американскиот претседател најави нов пакет дополнителна американска помош од 45 милијарди долари, како и дека ќе се донесе национален закон со кој ќе се овласти Министерството за одбрана да се набави клучно оружје за Украина. САД, исто така, ќе ѝ дадат на Украина безбедносна помош во вредност од 1,85 милијарди долари, во која ќе биде вклучен и системот за воздушна одбрана „Патриот“, кој, како што рече Бајден, ќе биде клучен одбранбен механизам против руската агресија.
Оваа помош, додаде тој, ќе вклучува директен трансфер на опрема во Украина, како и договори за набавка на муниција на украинската артилерија, тенкови и ракетни фрлачи. Што се однесува до Патриот, Бајден изјави дека тоа ќе биде „многу важен чекор за создавање безбеден воздушен простор над Украина“.
Тој посочи дека украинскиот народ му покажува на светот колку е непоколеблива неговата одлучност и покажа цврст став против агресијата.
ФОТО: EPA-EFE/JIM LO SCALZO