Укинувањето на роамингот во ЕУ ќе предизвика реформа на телекомите
Со 534 гласа „за“ и само 25 „против“ Европскиот парламент вчера ја донесе одлуката за неутралност на мрежите за мобилна телефонија во ЕУ, со која практично пазарот за мобилна телефонија се обедини.
Во иднина, поточно од 15 декември 2015 година, телекомуникациските оператори нема да можат да наплаќаат повисоки цени за повиците од една во друга земја-членка на ЕУ. Исти цени како националните ќе имаат и СМС пораките и трансферот на податоци преку мобилни уреди од една во друга европска земја.
Експертите се согласуваат дека ваквата одлука ќе предизвика драстични реформи на телекомуникацискиот пазар во ЕУ. Телекомите нема да можат да го блокираат или да ја намалат брзината на трансферот на податоци во зависност од локацијата на испраќачот или примачот, сè додека тие се на територијата на ЕУ.
Ирскиот европарламентарец Шон Кели вели дека ваквата одлука ќе им помогне „на сите европски граѓани да добијат пристап до телефон и интернет, по разумна цена, додека патуваат“. Европскиот парламент всушност во рекордно време ја донесе ваквата регулатива, многу побрзо од вообичаената законодавна постапка во Унијата.
Првичните пресметки покажуваат дека од мерката ќе имаат корист потрошувачите, но и телекомите, кои и покрај тоа што нема да можат да наплаќаат екстра за роаминг од една во друга ЕУ земја, сепак ќе забележат зголемување на мобилниот сообраќај. Имено, се очекува европските граѓани многу повеќе да ги користат своите мобилни уреди додека патуваат кога ќе сфатат дека не ги очекуваат „шокантни“ сметки по враќањето дома.
До конечно укинување на роамингот во ЕУ сепак останува уште еден чекор - одлуката ќе треба да ја прифатат сите земји-членки на Унијата. Во Советот на ЕУ, каде што седат претставниците на земјите-членки, многу повеќе се слуша гласот на телеком операторите, отколку во Европскиот парламент.
И додека ЕУ за себе избра неутралност на мобилните мрежи, засега нема намера во таквите планови да го вклучи и Балканот. Иако Македонија, Србија и Црна Гора официјално се обратија до Брисел со барање ваквата мерка да се прошири и на балканските земји-кандидатки за членство во ЕУ, сепак од Европската комисија добиле одговор дека засега ова не е можно.
ЕУ не дозволува укинување на роамингот со Балканот
Слично
