Угасен пожарот во складиштето на гориво кај Киев
Украинските пожарникари го изгасиле пожарот кој избил во складиштето на нафта во близина на Киев, откако експлодирале резервоари со гориво, а потоа огнот се проширил на блиските пумпи и згради.
Официјални лица соопштиле дека во пожарот загинало едно лице, а дека не е позната судбината на тројца пожарникари.
Огнот избил преку ноќ и се раширил на најмалку 16 резервоари во кои имало бензин.
Се развил огромен облак на црн дим во областа околу складиштата кај местото Василкив, 30 км од Киев.
Сопствениците на складиштата рекле дека се сомневаат дека пожарот бил подметнат.
„Пожарникарите ја држат состојбата под контрола“, соопштил секретарот на Националниот совет за одбрана Александар Турчинов кој претходно рекол дека војската од околната касарна се повлекла на 50 км од местото на несреќата.
Навел дека складиштето на нафта може да има и до 14 000 метрички тони гориво.
„Нема повеќе опасност од ширење на пожарот, а пожарникарите ги гаснат малите преостанати пожари“, рекол Турчинов.
Постоела опасност пожарот да се рашири и на блиските складишта за гориво. Од блиската воена касарна е тргнато и оружјето и опремата.
„Кризата целосно ќе биде решена во наредните 12 часа“, рекол на локалната телевизија министерот за внатрешни работи Арсен Аваков.
Евакуирано е населението кое живее во радиус два километри од огнот.
Украинскиот претседател Поршоенко издал упатство на првиот потпретседател на владата Влачеслав Кириленко итно да основа центар за отстранување на последиците од несреќата, како и да ја подобри безбедноста на други такви објекти.
