УАПСЕН СОПСТВЕНИКОТ НА БАРОТ ВО ШВАЈЦАРИЈА: Сопругата се расплака пред камерите
Одлуката Жак Морети да остане во притвор не е донесена само поради сериозноста на обвиненијата. Според судот, неговото криминално минато, исто така, одиграло клучна улога.
Осум дена по една од најлошите трагедии во историјата на швајцарските скијачки центри, во која 40 лица загинаа, а повеќе од 115 беа повредени во пожар во барот „Le Constellation“ во Кран-Монтана на новогодишната ноќ, швајцарското судство ги презеде своите први сериозни чекори. Сопственикот на барот, Жак Морети (49), беше уапсен по неколкучасовно испрашување од страна на обвинителството и беше задржан во притвор поради, како што е наведено, висок ризик од бегство. Неговата сопруга и ко-сопственичка Џесика Морети (40) беше пуштена да се брани од слобода. Брачниот пар Морети е под истрага за неколку тешки кривични дела, вклучувајќи убиство од небрежност, нанесување тешки телесни повреди од небрежност и палење од небрежност.
Вчера наутро, Жак и Џесика Морети пристигнаа во канцеларијата на обвинителот во Сион, главниот град на кантонот Вале, каде што мораа да се пробијат низ толпа новинари и фотографи. Видливо потресени, тие влегоа во зградата без да проговорат, одбивајќи да одговорат на прашања. По неколку часа испрашување, обвинителката Катрин Сепеј одлучи да го притвори Жак Морети.
Џесика Морети, напуштајќи ја судницата, кратко се обрати до јавноста.
– Сакам да им се извинам на сите жртви. Моите мисли се постојано со нив. Ова е незамислива трагедија што се случи во нашиот бар – рече таа во изјава пренесена од телевизијата „Леман Бле“.
Извинувањето дојде во време кога таа самата се соочува со сериозни обвиненија. Имено, неколку сведоци тврдат дека Џесика Морети, додека барот горел, а луѓето паничеле и се обидувале да избегаат, била видена како го напушта барот со каса полна со пари. Поради ова, против неа би можеле да бидат покренати дополнителни обвиненија за непружање помош на луѓе во смртна опасност.
Вечерњи.хрФото: Принтскрин видео Ројтерс/Њујорк тајмс
Видеото од апсењето може да го видите тука
