Турција ги зајакнува мерките за безбедност, стравува од терористички напади
Според извештај на турското разузнавање исламски терористи од Сирија се на границата со Турција.
Турција ги зајакнува мерките за безбедност и објавува највисок степен на опасност, пренесоа локални агенции, повикувајќи се на владини информации од Анкара. Прогласен е „Код црвено" поради информации на турското разузнавање, според кои исламски терористи од Сирија се на границата со Турција. Се наведува дека има група од околу 300 терористи од ДАЕШ кои се инфилтрирани во бегалски бран од Сирија. Џихадисти биле блокирани на границата кај градот Килис, со уште над 30. 000 цивили кои бегаат од конфликтот во Сирија. Властите добиле информации дека меѓу нив има и бомбаши кои подготвувале напади врз државата. Според разузнавањето, терористичката група планирала самоубиствени напади во Турција на 1 мај, цитирани од турската телевизија Си-Ен-Ен - Турк.
Големи напади биле планирани во близина на границата кај Килис, како и во внатрешноста на земјата. Се тврди дека терористите претходно се подготвувале и веќе имаат складирано оружје и муниција во земјата.
