Туристите избраа - составена е листа со дестинации каде луѓето се најгостопримливи
Составена е листата на најгостопримливи дестинации за 2026 година. Booking.com ги објави дестинациите во рамки на Traveller Review Awards, и тие се засновани на стотици милиони потврдени оценки од патници во изминатите 12 месеци, со цел да се издвојат места каде гостопримството и услугата најчесто оставаат „траен впечаток“ кај посетителите.
Листата опфаќа 10 градови и 10 региони од целиот свет, а седум од вкупно 20-те избрани дестинации се во Европа. Во категоријата градови, европски претставници се Монте Пулчано во Италија, Харогејт во Обединетото Кралство и Клајпеда во Литванија, додека кај регионите се издвојуваат Навара во Шпанија, Саксонија во Германија, Оверејсел во Холандија и Епир во Грција.
Како најгостопримлив град е рангиран Монте Пулчано, тоскански ридски град познат по виното „Вино Нобиле“, додека во првите пет се најдоа и Магонг во Тајван, Сан Мартин де лос Андес во Аргентина, Харогејт и Фредериксбург во Тексас. Во продолжение, меѓу десетте се Пиренополис во Бразил, Свакопмунд во Намибија, Такајама во Јапонија и Нуса Хедс во Австралија, со Клајпеда како десеттопласирана.
Кај регионите, највисоко е рангиран Идалго во Мексико, пред Њуфаундленд и Лабрадор во Канада и Навара во Шпанија, а во првите десет се и Ајдахо во САД, Химачал Прадеш во Индија, Саксонија во Германија, Панг Нга во Тајланд, Оверејсел во Холандија, Епир во Грција и Чирики во Панама.foto Wikipedia/Chensiyuan
