Турција има „одговор“ на противењето на Меркел за членството во ЕУ
Владејачкиот конзервативен блок на канцеларот Ангела Меркел потврди дека е против членството на Турција во Европската унија.
Демохристијанската унија на Меркел и нејзината сестринска партија во Баварија Христијанско-социјална унија (ЦСУ) во предизборната програма за парламентарните избори во Германија, што се закажани на 22 септември, се наведува дека Анкара не ги исполнува условите за членство.
Платформата, која вчера беше одобрена, апелира за продлабочување на односите и за „блиска стратешка соработка“ меѓу Турција и ЕУ. ЦДУ и ЦСИ тврдат дека ЕУ ќе биде „преоптоварена“ со членството на Турција.
Програмата е претставена во момент кога турските власти внимателно се набљудуваат од меѓународната заедница, која ги критикува за прекумерна употреба на сила врз антивладините демонстранти.
Меѓутоа пред средбата на министрите за надворешни работи на ЕУ, на која ќе се разговара за преговорите за приклучување на Турција, шефот на дипломатијата на таа земја се закани со „одговор“, доколку не се отворат нови поглавја.
Турција бара продолжување на преговарачкиот процес за приклучување кон ЕУ. Не е фер да се блокира отворање на нови поглавја во преговорите под политичка принуда, изјави турскиот министер за европски прашања Егемен Багис за весникот „Зиддојче цајтунг“. Доколку неделава не бидат почанти преговори за нови теми, Турција има „одговор“, нагласува Багис.
Тој не наведува детали како тој одговор би изгледал, но потенцира: „Само толку - Турција има и други опции“.
Во преговорите со Турција досега е затворено само едно од вкупно 35 поглавја. Отворени се уште десетина поглавја, последното во 2010 година.
Слично
