Три милиони Украинци ќе се раселат затоа што ќе немаат струја зиме
Животите на милиони луѓе ќе бидат загрозени во Украина оваа зима поради уништената или оштетена енергетска инфраструктура, како и прогнозираните екстремно ниски температури, објави Светската здравствена организација (СЗО).
„Едноставно кажано, оваа зима најважно ќе биде да се преживее“, рече регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге и додаде дека украинскиот здравствен систем „се соочува со најтешките денови од војната досега“, и дека најдобро решение е да се стави крај на конфликтот што е можно поскоро, пренесува Би-Би-Си.
Половина од енергетската инфраструктура на Украина е или оштетена или уништена, а 10 милиони граѓани во моментов се без струја, рече Клуге. Тој додаде дека руските напади предизвикале ситуација во која стотици болници и здравствени установи „веќе не работат целосно, немаат гориво, вода и струја за да ги задоволат основните потреби“.
Клуге изјави дека на породилиштата им требаат инкубатори, на банките за крв им требаат фрижидери, на креветите за интензивна нега им требаат вентилатори и дека на сето ова им треба струја.
СЗО проценува дека до три милиони луѓе би можеле да ги напуштат своите домови во потрага по безбедност, а температурите се очекува да паднат до минус 20 степени Целзиусови во некои области.
Сергеј Коваленко, извршен директор на YASNO, главниот снабдувач со електрична енергија во Киев, рече дека Украинците најверојатно ќе живеат со прекини на струја до крајот на март.
Тој додаде дека работниците брзаат да ги завршат поправките на електричната мрежа пред да дојде студената зима.
„Сценариото е следното: доколку нема нови напади на електричната мрежа, во сегашните услови на производство на електрична енергија, дефицитот би можел рамномерно да се распредели низ целата земја. Тоа значи дека прекини ќе има насекаде, но тие ќе бидат пократки по времетраење. Постојат различни прогнози за развојот на оваа ситуација и тие целосно зависат од нападите на руските сили“, рече тој.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна предупреди дека половина од енергетската инфраструктура на Украина е оштетена од руските напади.
