Трговска војна меѓу Русија и Западот – каде ќе застане Балканот?
ЕУ, САД, Австралија, Норвешка, Швајцарија, Канада - ова се земјите од кои Русија целосно го запре увозот на прехранбени производи како одговор на санкциите воведени против Москва заради ситуацијата во Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска го потпиша Декретот со кој се забранува увозот на земјоделски и прехранбени производи од овие земји.
Декретот е со важност од една година и се очекува сериозно да ги погоди земјоделските призводители, особено од дел од европските земји, како што е Полска, кои досега извезуваа значително на рускиот пазар.
Се проценува дека вредноста на увозот на американски земјоделски производи изнесува над милијарда долари годишно, додека на европските производи скоро 12 милијарди долари.
Од друга страна, и руската економија значително е потпрена на увозот на производи од странство, заради што Белата куќа очекува мерката да има негативен ефект и врз Москва, пред се така што ќе ја зголеми инфлацијата во земјата.
„Најголеми губитници ќе бидат руските потрошувачи, бидејќи ќе мораат да плаќаат повеќе“, вели Дејл Мур, директор во американското Федерално биро за земјоделство.
Според аналитичарите, мерката ќе влијае и на земјоделскиот пазар на Балканот - балканските земји кои не се членки на Европската унија, меѓу кои е и Македонија, ќе добијат можност за зголемен извоз на храна на рускиот пазар и можат да ја зголемат својата трговска размена.
Слично
