ТРАМП ЗА ТЕСНЕЦОТ: САД секогаш штитат други држави, но ако некогаш нам ни треба помош, тие нема да бидат тука
Aмериканскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неколку регионални и неколку подалечни држави се согласиле да ги поддржат американските напори за обезбедување на Ормутскиот теснец, каде што сообраќајот на танкери е речиси запрен од почетокот на нападите врз Иран.
Тој кажа дека државниот секретар Марко Рубио наскоро ќе ги објави имињата на државите, додавајќи дека смета оти Франција ќе помогне откако имал многу добар разговор со колегата Емануел Макрон.
„Би сакал да ги кажам нивните имиња, но, искрено, не знам дали би сакале тие, бидејќи можеби не сакаат да бидат мета. Не побарав помош од други држави околу Ормускиот Теснец зашто навистина ни треба, туку за да видам како ќе реагираат. САД секогаш штитат други држави, но ако некогаш нам ни треба помош, тие нема да бидат тука за нас“, рече Трамп.
Тој викендов ги повика Кина, Франција, Јапонија, Јужна Кореја и Велика Британија да им се придружат на САД во тимските напори за обезбедување на теснецот, но досега од никого не добил потврден одговор. Министрите за надворешни работи на Европска Унија не покажаа интерес за продолжување на нејзината поморска мисија во Црвеното Море за да се помогне во повторното отворање на Ормускиот Теснец, изјави шефицата за надворешна политика Каја Калас по денешните разговори во Брисел.
