Трамп вели дека новиот ирански лидер „нема да трае долго“
Американскиот претседател Доналд Трамп му порача на новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, дека нема да трае долго. Тој доаѓа на позицијата на неговиот татко, кој загина во нападите на Израел и САД врз Иран.
Израел уште во средата објави дека новиот врховен лидер ќе биде „цел“. Следниот ден, американскиот претседател рече дека нема да дозволи Моџтаба Хамнеи да ја преземе власта, додека во неделата, уште пред да биде соопштено името, предупреди дека новиот врховен лидер „нема да трае долго“.
Моџтаба Хамнеи е третиот врховен водач на Иран од Исламската револуција во 1979 година. Тој го наследи својот татко, кој беше на власт од 1989 година. Заедно со Али Хамнеи, тогаш загинаа и мајката на Моџтаба, како и сестрата, сопругата и синот, за кого Израел по неколку дена потврди дека преживеал. Како свештеник од среден ранг, Моџтаба Хамнеи не е ајатолах, титула што им следува само на вишите свештеници, но тоа не значи дека нема да ја добие наскоро, зашто ја немаше и неговиот татко, кој експресно ја доби откако беше избран за врховен водач. Моџтаба никогаш не бил на јавна функција и секогаш бил „под радарот“. Неговиот избор е контроверзен, зашто титулата врховен водач не се наследува од татко на син, туку поради религиозната определба и докажаното лидерство. Дури и Али Хамнеи во една пригода ѝ се спротивстави на идејата дека неговиот син треба да го наследи.
Сега, кога е направен изборот, се верува дека 56-годишниот Моџтаба Хамнеи, кој има исклучително силни врски со Иранската револуционерна гарда, ќе ги продолжи тврдокорните политики на татко си. Под негово водство денеска на десеттиот ден од почетокот на конфликтот, Иран продолжи да лансира ракети и дронови во правец на Кувајт, Катар, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин.
Иранското Министерство за здравство кажа нов податок, според кој досега се убиени 1.200 луѓе, а повеќе од 1.000 цивили се ранети.
foto printskrin youtube
