Трамп вели дека му се јавила опозиционерката Мачадо од Венецуела откако ја добила Нобеловата награда за мир
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека добил повик од добитничката на Нобеловата награда за мир, Марија Корина Мачадо, која му рекла дека ја заслужува наградата и дека таа ја прима во негова чест.
- Лицето кое всушност ја доби Нобеловата награда ми се јави денес и ми рече: „Го прифаќам ова во ваша чест затоа што навистина го заслужувавте“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба, без да го спомене името на венецуелскиот опозициски политичар.
Норвешкиот Нобелов комитет објави во петокот дека Мачадо ја добила наградата за нејзината „неуморна работа за промовирање на демократските права за народот на Венецуела“.
Во својата прва реакција, Мачадо рече дека ја посветува наградата на „страдањето на венецуелскиот народ“ и на Трамп „за неговата решителна поддршка“ на нивната кауза. Трамп рече дека тој „ѝ помогнал по патот“.
Мачадо (58) се смета за обединувачка сила во опозицијата на Венецуела и жесток противник на авторитарниот претседател Николас Мадуро, кој е на власт од 2013 година. Таа се кандидираше за претседател во 2023 година, но беше дисквалификувана следната година поради наводни нерегуларности.
