Трамп: Сметајте го воздушниот простор над и околу Венецуела за целосно затворен
Американскиот претседател Доналд Трамп, објави целосно затворање на воздушниот простор над Венецуела и околните области.
„До сите авиокомпании, пилоти, дилери на дрога и трговци со луѓе: Ве молиме, сметајте го воздушниот простор над и околу Венецуела за целосно затворен“, напиша тој.
На 23 месецов, Ројтерс, повикувајќи се на американски официјални лица, објави дека САД се подготвени да започнат нова фаза операции против Венецуела „во наредните денови“. Еден од изворите на агенцијата забележа дека Трамп е „подготвен да ја искористи целата американска моќ“ за борба против трговијата со дрога. Ден претходно, Федералната администрација за воздухопловство на САД (ФАА) издаде предупредување за претпазливост при летање во близина на аеродромот „Маикетија“ поради зголемена воена активност. Предупредувањето е во сила до 19 февруари 2026 година.
Воздухопловните власти во Шпанија и Португалија препорачале патничките авиокомпании на нивните земји да не летаат во воздушниот простор на Венецуела во наредните денови.
Трамп летово потпиша директива со која го овластува Пентагон да употреби сила против латиноамериканските нарко-картели, објави „Њујорк тајмс“. „Волстрит џорнал“ забележа дека американската администрација идентификувала голем број цели во Венецуела, вклучувајќи аеродроми и пристаништа поврзани со трговија со дрога.
Венецуела презема контрамерки. Според Ројтерс, венецуелската војска обучува единици за герилска војна, а населението почнало да добива оружје. „Вашингтон пост“ објави дека Каракас се обратил до Москва за снабдување со противвоздушни ракетни системи и поправка на воена опрема.
Според „Атлантик“, венецуелскиот претседател Николас Мадуро е подготвен да поднесе оставка под услов тој и неговите соработници да добијат амнестија и да им се гарантира безбеден премин надвор од земјата.
Aрмијата на Венецуела месецов излезе на терен и распореди 200.000 војници низ земјата во масовна воена вежба што власта ја нарече „контрамерка против американската закана“.foto EPA/AARON SCHWARTZ / POOL
