Трамп се закани: Ќе ги депортирам имигрантите без документи
Кандидатот на републиканците за претседателски кандидат на САД, Доналд Трамп изјавил дека ако биде избран за шеф на државата, ќе ги депортира сите имигранти кои немаат документи, и ќе ги поништи одлуките на претседателот Барак Обама за имиграција.
„Ќе ги задржиме семејствата заедно, но тие треба да си заминат“, изјавил Трамп во интервју за телевизијата „Ен-Би-Си њус“, кое ќе биде емитувано денеска.
Запрашан од водителот што ќе стане со нелегалните имигранти, кои можеби немаат каде да одат, Трамп одговорил: „Ќе работиме со нив“.
„Тие треба да си заминат... Ние или имаме земја или немаме земја“, додал тој.
Трамп изјавил исто така дека ќе треба да ги поништи одлуките на Обама за имиграција, вклучувајќи го и оној кој ги штити од депортација децата на родители кои дошле илегално во САД.
Градежниот магнат, кој води во анкетите пред другите кандидати за номинација на републиканците, предизвика контроверзност со провокативната реторика за илегалната имиграција, вклучувајќи и нарекувајќи ги некои илегални имигранти од Мексико како криминалци и силувачи. Во САД има околу 11 милиони илегални имигранти, забележуваат агенциите.
Вчера Трамп изјавил дека е подготвен да даде една милијарда долари за својата предизборна кампања, ако е потребно, посочува агенцијата „ТАСС“.
На новинарско прашање дали може да одвои една милијарда долари за кандидатската трка, тој одговори: „Да, ќе го направам, ако треба“.
„Јас заработувам по 400 милиони долари годишно, па какво значење има тоа“, изјавил тој на манифестација во Ајова.
Трамп ги обвини и други учесници во трката дека се зависни од спонзори кои им обезбедуваат средства за кампањата. Градежниот магнат ги нарече „марионети“ еден од главните ривали за номинацијата на републиканците - поранешниот гувернер на Флорида Џеб Буш.
„Тој прави сè што сакаат тие (спонзорите), тој ќе им биде послушна марионета, верувајте ми“, изјавил Трамп.
Милијардерот истакнал дека за разлика од другите политичари не му треба финансиска помош од трети лица.
