ТРАМП РЕШЕН: Ќе ги депортира сите незаконски мигранти од САД
Кандидатот за американски претседател на републиканците Доналд Трамп го потврди својот став дека сите мигранти кои престојуваат илегално во САД ќе бидат депортирани. Тоа се случи само една недела откако навести за помек пристап, пренесе Ројтерс.
„Нашата порака до светот е следнава: не можете да се здобиете со легален статус или да станете граѓани на САД, доаѓајќи нелегално во нашата земја“, појасни милијардерот.
Трамп додаде дека ѕидот меѓу САД и Мексико ќе биде изграден и ќе биде платен од мексиканската влада 100%, иако неколку часа пред неговата изјава тој се состана со мексиканскиот претседател Енрике Пенја Нието.
„Мексико ќе плати за ѕидот - 100%. Тие уште не го знаат тоа, но ќе платат за ѕидот“, категоричен е кандидатот за претседател.
Една од мерките кои ќе ги преземе ако биде избран за претседател, ќе биде итна депортација за сторители на тешки кривични дела.
Ќе биде формирана и посебна комисија која ќе испита од кои региони или земји ќе биде избришана имиграцијата, а Сирија и Либија би требало да заземаат водечките места на листата. На овој начин Трамп ќе постигне делумна желба да им забрани на муслиманите да влезат во САД.
Според последните анкети Трамп сеуште заостанува во трката од противникот од демократите Хилари Клинтон. Неговите соевтници се надеваат дека предизборната турнеја низ земјата ќе покаже дека тој е подготвен да се зафати со тешки прашања како што се односите со Мексико.
